30 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Осумгодишно дете од гостиварското село Врапчиште се здобило со сериозни повреди на раката откако му експлодирала петарда, информираат надлежните институции. Инцидентот се случил на 29 декември 2025 година, во попладневните часови.
Детето било итно пренесено во Ургентниот центар во Гостивар, каде му била укажана прва медицинска помош. Поради сериозноста на повредите, лекарите одлучиле малолетникот да биде префрлен на понатамошно лекување во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека случајот бил пријавен во 15:10 часот, по што полициски службеници излегле на терен.
„На 29.12.2025 во 15:10 часот во ОВР Гостивар, од Ургентниот центар Гостивар е пријавено дека кај нив со повреда на рака е донесен малолетник. Полициските службеници излегоа на местото и беше констатирано дека се работи за осумгодишно дете од село Врапчиште, кое се здобило со повредите откако во раката му експлодирала петарда“, информираат од МВР.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на околностите под кои дошло до несреќата.
Во меѓувреме, низ повеќе градови во државата се спроведуваат засилени полициски контроли за откривање нелегална трговија и поседување пиротехнички средства. Од МВР повторно апелираат граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехника, особено кога станува збор за деца и малолетници.
„Законот строго ја ограничува продажбата и употребата на пиротехнички средства, а последиците од нивната неправилна употреба може да бидат сериозни и трајни“, предупредуваат надлежните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

