28 март 2025
• од Вардарски
Во селото Радање, општина Карбинци, е извршена дрска кражба од фабрика за одгледување канабис, објект кој бил под официјално полициско обезбедување од страна на Министерството за внатрешни работи. Според информации до кои дојде Инфомакс, а кои се потврдени и од МВР, засега не е утврдена точната количина на украдениот канабис, но неофицијални извори говорат за значајна заплена.
Особено загрижувачки е фактот што фабриката, од 5 март 2025 година, е под 24-часовен надзор од страна на полициски службеници од Полициската станица за општа надлежност при СВР Штип. Тоа наметнува сериозни прашања за безбедносниот протокол и внатрешниот надзор врз полицијата, со оглед дека кражбата се случила токму под нивен надзор – што практично значи дека канабисот бил украден „од под нос“ на полицијата.
Според официјалното соопштение на МВР доставено до Инфомакс, на 28 март 2025 година, околу 00:20 часот, во СВР Штип е пријавена кражба на стебла од запленет канабис од споменатата фабрика. Извршен е увид на лице место, известен е јавен обвинител и во тек се истражни дејствија за целосно расветлување на случајот.
„Во изминатите месеци немаме евидентирани ниту пријавени какви било кражби од оваа фабрика“, велат од МВР, потенцирајќи дека ова е прв ваков случај од нејзиното обезбедување од страна на полицијата.
Случајот предизвикува бурни реакции во јавноста, особено поради вклученоста на државниот апарат во обезбедувањето на објектот. Очекувањата се дека истрагата ќе утврди дали постои евентуална внатрешна соработка или пропуст на полициските служби. Се очекува МВР во наредните денови да излезе со повеќе детали и конкретни резултати од истрагата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

