29 септември 2026
• од Гоце Кически
Европската Унија подготвува посебни патокази за побрзо приближување кон членство на Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија. Северна Македонија засега не е меѓу земјите што треба да ги добијат овие планови.
Според „Политико“, Европската комисија сака на четирите земји што се сметаат за најнапредни кандидати да им понуди појасен пат до членство. Плановите треба да содржат конкретни приоритети, реформи што треба да се спроведат и ориентациски рокови за завршување на одделни фази од преговорите.
Македонија, Косово и Босна и Херцеговина во оваа фаза нема да добијат вакви патокази. Тоа значи дека Брисел во моментов ги насочува новите механизми кон кандидатите кои постигнале најголем напредок, додека останатите ќе продолжат низ постојниот процес на пристапување.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен уште во септември најави дека Брисел ќе предложи патокази за кандидатите што напредувале најмногу. Таа нагласи дека проширувањето и натаму ќе се темели на постигнатите резултати и дека почитувањето на европските вредности останува задолжително.
Европската комисија нагласува дека брзината на пристапувањето зависи од реформите, особено во демократијата, владеењето на правото и основните права. Северна Македонија и натаму има кандидатски статус, но новата иницијатива покажува дека во овој момент Брисел ги издвојува Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија како земји со најголем напредок кон членство.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

