30 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Во македонското здравство повторно се појави сериозен проблем – недостиг на онколошки лекови. Според Здружението Хема Онко, веќе две недели во клиниките недостасуваат двата клучни медикаменти за третман на одредени видови рак: палбоцицлиб и рибоцицлиб. Недостигот, како што посочуваат од здружението, се однесува и на некои додатоци неопходни за хемотерапијата.
Од Хема Онко алармираат дека проблемот не е изолиран случај, туку повторлив и бараат итни системски промени во процесот на набавка на онколошки лекови. Според нив, постојниот модел често создава празнини – кога на тендерите нема понудувачи, пациентите остануваат без неопходната терапија и се приморани сами да ги набавуваат лековите, што претставува дополнителен товар врз семејните буџети.
Од Клиниката за онкологија и радиотерапија, пак, објаснуваат дека причината за доцнењето е проблем со дистрибутерите, кои заостанале со испораката. Тие уверуваат дека веќе од утре пациентите ќе можат да ги добијат потребните лекови на клиниката.
Истовремено, клиниката апелира до надлежните институции да ја разгледаат и ревидираат позитивната листа на онколошки лекови, за да се избегнат слични ситуации во иднина.
Во однос на терапијата со зрачење, од клиниката информираат дека апаратите за брахитерапија се исправни, но има застој поради тоа што е во тек испораката на радиоактивниот извор. Испораката се очекува за една до две недели, по што пациентите повторно ќе бидат повикани на третман.
Овие проблеми дополнително ја зголемуваат неизвесноста кај онколошките пациенти и нивните семејства. Додека од една страна има уверувања дека недостигот ќе биде надминат во најскоро време, од друга страна пациентските здруженија предупредуваат дека без суштински промени, ваквите кризи ќе продолжат да се повторуваат.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

