Приведен возач во Куманово со 2.34 промили алкохол во крвта
МВР соопшти дека на 6 април 2025 година, во 00:58 часот, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Куманово го лишиле од слобода лицето В.П. (45) од Куманово.
Како што информира МВР, В.П. бил запрен на улицата „Ѓорче Петров“ во Куманово додека управувал патничко возило марка „Пежо“ со кумановски регистарски таблички. При извршената сообраќајна контрола, било утврдено дека возачот е под дејство на алкохол, при што му биле измерени 2.34 промили алкохол во крвта.
По преземените мерки и целосното документирање на настанот, против В.П. ќе биде поднесена кривична пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат до сообраќајните правила и прописи, особено кога станува збор за управување возило под дејство на алкохол, со цел заштита на сопствениот и животот на другите граѓани.