06 февруари 2025
• од Гоце Кически
Македонската економија почнува да ги чувствува последиците од економската криза која ја потресува Германија и другите западноевропски земји. Две значајни компании соопштија мерки кои ќе влијаат на нивните вработени и работењето во земјата, со што се отворија прашања за издржливоста на домашната економија во глобални турбуленции.
Првата компанија која најави затворање е „Аптив“, меѓународна фирма со 500 вработени, која произведува напредни електрични и безбедносни технологии за автомобилската индустрија. Компанијата е значајна за македонската економија, со оглед на тоа што нејзините производи се дел од глобалниот синџир на снабдување. Затворањето се должи на намалени нарачки од германските и европските партнери.
Втората компанија, „Џонсон Мети“, која произведува катализатори за автомобили, најави намалување на бројот на вработени. Оваа компанија, која е една од најголемите странски инвестиции во земјава, наведува дека глобалните економски услови ја принудуваат на овие мерки.
Според Бизнис конфедерацијата на Македонија, економијата на земјата е подложна на глобални влијанија, особено кај компаниите кои се дел од меѓународниот синџир на снабдување.
„Некои компании кои зависат од извозот веќе ги чувствуваат негативните ефекти. Главниот предизвик сега е како ќе се справиме не само со економските, туку и со социјалните последици од овие промени,“ изјави Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата.
Најновите податоци од Државниот завод за статистика покажуваат опаѓање на бројот на работници во индустријата и намалување на индустриското производство за 1,4%. Овие бројки дополнително ја потенцираат ранливоста на македонската економија пред глобалните предизвици.
Иднината ќе покаже дали новите инвестиции ќе успеат да ги ублажат овие негативни ефекти или пак ќе се потребни порадикални економски мерки за стабилизација.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

