27 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Повикот на Хаким Рамадани, кандидат за градоначалник на Брвеница од коалицијата ВЛЕН, за обединување на Албанците во вториот изборен круг, предизвика бурни реакции кај премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Рамадани, кој во моментов ја извршува функцијата директор на Инспекторатот за локална самоуправа, за време на својата предизборна турнеја меѓу албанската дијаспора порача дека Албанците треба да се поддржуваат меѓусебно, без разлика на партиската припадност.
„Албанците што живеат во странство го дополнуваат буџетот со милиони евра. Општините каде што има албанско мнозинство, како Кичево и други, секогаш треба да ги водат Албанци. Немаме ништо против другите народи, но секој треба да знае кој е господар во својата земја. Општина Брвеница треба да ја води мнозинството – тоа е демократско право“, изјави Рамадани.
Тој нагласи дека, доколку биде избран, ќе биде градоначалник на сите жители на Брвеница, без разлика на етничката припадност.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, остро реагираше на изјавата на Рамадани, оценувајќи ја како „голема грешка“.
„Таков себичен чин од страна на политичар не е виден во поновата историја на Македонија. Тоа е разочарувачко и за коалицијата и за меѓународната заедница која го следи процесот. По завршувањето на изборите, овој кандидат ќе биде разрешен од функцијата во владата“, порача Мицкоски.
Во својата реакција, Хаким Рамадани изјави дека честа и достоинството се поважни од секоја јавна функција.
„Честа, моралот и достоинството вредат повеќе од која било функција. Работев 17 години во мултиетничка општина како Брвеница и секогаш сум се однесувал еднакво кон сите. Не ме интересираат портали што шират провокации – важно е да се биде искрен со себе. Ќе ја заштитам мојата општина и сите нејзини жители, без разлика на националноста“, порача Рамадани.
Повиците за етничко гласање и обединување на Албанците, независно од партиската припадност, претставуваат сериозен предизвик за стабилноста на владината коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.
Претходно и кандидатот за Тетово, Билал Касами, упати слична порака до албанското гласачко тело, што дополнително го вжешти политичкиот амбиент пред вториот изборен круг.
Мицкоски најави дека по завршувањето на локалните избори ќе следи реконструкција на Владата, што дополнително ги засилува шпекулациите за можни кадровски промени во редовите на коалициските партнери.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

