македонија07 февруари 2025 Родителите на Васил Јованов: „Тој го украде автомобилот, не знаевме дека вози“
На прес-конференцијата организирана од адвокатот на Васил Јованов, Сашко Дуковски, присуствуваа и неговите родители, кои тврдат дека биле против тоа тој да вози и дека кобната вечер го украл автомобилот од дома.
Адвокатот Дуковски информираше дека Васил вечерта бил на отворање на кафуле на пријател, каде што консумирал алкохол. Според неговиот татко, семејството не знаело дека тој го зел возилото.
„Колата ја купивме во 2016 година бидејќи сопругата работеше далеку и ѝ требаше за патување на работа. Правно беше на мое име, но фактички ја користеше таа. Васил до 18 години не му дозволував да вежба возење ни со мене, ни со чичко му, затоа што верував дека најдобро е да учи со часови од инструктор. Кога заврши со часовите, претпоставувам дека помисли дека знае да вози и го украде автомобилот“, изјави таткото на Васил, Зоран Јованов.
Родителите исто така тврдат дека никогаш не влијаеле врз пресудите во минатите случаи поврзани со нивниот син.
„Јас првпат ја видов таа госпоѓа во судницата на рочиштата и не знам чија сопруга е. Можеби е сопруга на некој мој поранешен колега, но јас не сум свесна за тоа. Бог ми е сведок“, изјави Ана Јованова, мајката на осомничениот.
Адвокатот Дуковски повика институциите да ја завршат својата работа и истакна дека во јавноста кружат многу невистини и дека има повици за линч на Васил.
„Она што ме поттикна и што не можев да го игнорирам е изразувањето на многу ноторни невистини, повици за линч, за крв. Наместо воспоставување на право преку владеење на законите во демократска и правна држава, гледаме обиди за нешто сосема спротивно“, изјави Дуковски.
Во меѓувреме, вештачењето започнало вчера, а адвокатот повика на трпение и почитување на правната процедура.