06 февруари 2026
• од Гоце Кически
Кризата со македонските транспортни компании и блокадите на граничните премини влезе во фокусот на институциите на Европската Унија, откако новиот дигитален систем за евиденција на влез и излез предизвика сериозни практични проблеми за професионалните превозници. Иако во јавноста доминира впечатокот дека станува збор за промена на правилата, амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас, јасно порачува дека суштината останува иста – но дека Брисел е свесен за итноста на ситуацијата.
„Нема вистинска промена на правилата, туку на системот. Правилото за престој од 90 дена во период од 180 дена останува исто“, истакна Рокас, нагласувајќи дека новиот систем е дигитализиран од безбедносни и сигурносни причини. „Станува збор за модернизација што никој сериозно не може да ја оспори“, додаде тој.
Сепак, практичните последици од дигитализацијата најсилно ги погодија токму професионалните возачи, кои поради природата на работата често и краткорочно престојуваат во земјите на ЕУ. Тоа резултираше со застои, неизвесност и протести на граничните премини – проблем што, според Рокас, „има целосно внимание од европска страна“.
Амбасадорот откри дека веќе е одржана средба меѓу министрите од земјите на Западен Балкан и Европската комисија, на која е договорено формирање итна работна група. Нејзина задача ќе биде да ги разгледа сите можни опции за надминување на проблемот.
„Вистина е дека времето нè притиска. Потребно е земјите членки да бидат вклучени, бидејќи ова е прашање што произлегува од европско законодавство“, рече Рокас, но истовремено нагласи дека постои „сета добра волја во светот“ за изнаоѓање прагматично решение.
Клучен елемент на оптимизмот што го изрази амбасадорот е најавената нова стратегија на ЕУ за визи. Според него, таа веќе ја препознава професијата на возачите на тешки товарни возила како специфична категорија.
„Новата визна стратегија ја препознава професијата на професионалните превозници како луѓе кои треба да бидат дел од исклучоците од овие правила“, истакна Рокас. Тој изрази уверување дека, преку работната група и континуираниот ангажман меѓу Брисел и регионот, може да се дојде до „задоволително решение“ во краток рок.
Иако не даде конкретен датум, пораката од Брисел е дека решение се очекува пред април – доволно брзо за да се избегнат подлабоки економски последици и нови блокади. Аналитичарите оценуваат дека евентуалното изземање или посебен режим за професионалните возачи би било компромис што ја зачувува безбедносната логика на ЕУ, а истовремено ја штити економијата и трговијата во регионот.
Возачите на ЈСП ќе ги плаќаат казните од свој џеб за сообраќајни прекршоци
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

