12 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски дека не можат да побегнат од одговорноста за еколошката катастрофа што ја трпи Скопје и труењето на граѓаните поради горењето на депониите „Дрисла“ и „Вардариште“.
Во соопштението се потенцира дека токму луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ управуваат со депонијата „Дрисла“.
Даме Димитровски, актуелен советник за животна средина на Мицкоски и поранешен претседател на Комисијата за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ, во моментов е претседател на Управниот одбор на „Дрисла“. Претходно, директор на депонијата бил Јане Мицевски, магистер по туризам и менаџмент, исто така од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до депонијата „Вардариште“, СДСМ потсетува дека со децении таму управувале градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Коце Трајановски и Бобан Стефковски.
Во кампањите, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините градоначалници пред четири години ветувале затворање на Вардариште, намалување на стакленички гасови, покривање и озеленување на просторот. Исто така, Тимчо Муцунски најавувал дислокација на претоварната депонија, додека Мицкоски и Арсовска ветувале „зелена зона Вардариште“ со спортско-рекреативни содржини. Дополнително, партијата вети и фабрика за селекција на отпад во рамките на „Дрисла“.
СДСМ оценува дека ниту едно од овие ветувања не е исполнето. Наместо тоа, граѓаните на Скопје и понатаму живеат со последиците од загадувањето и лошото управување со депониите.
„Вперувањето на прстот кон други е признание на Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги исполни ветувањата кон граѓаните, туку и не мрдна со прст, оставајќи ги скопјани да се трујат,“ се наведува во соопштението.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден