22 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
На скопскиот аеродром од вчера наутро е во прекин единствениот исправен радар што ја покрива Контролата на летање во Македонската навигација (М-НАВ), со што контролорите на летање не можат да ги следат авионите на пониски височини при нивното слетување.
Вообичаено, аеродромот располага со два радара – еден на Контролната кула и друг во нејзина непосредна близина. Но, веќе извесен период првиот е вон функција, па вчера дефект доби и вториот.
До пристигнување на резервниот дел од Италија, авионите ќе мора да се спуштаат еден по еден. Доколку во исто време пристигнат два или три авиони, тие ќе треба да кружат во воздухот сè додека претходниот безбедно не слета.
Директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека дефектот е реален, но нагласи дека нема простор за паника:
„Работата ќе продолжи како и досега, само со побавно темпо. Најважно е што нема никаков безбедносен ризик со слетувањето и полетувањето на авионите.“
Тој објасни дека М-НАВ располага со три радарски глави – една во близина на охридскиот аеродром и две во Скопје. Една од скопските е во дефект, но дефектот е технички и вообичаен во авијацијата.
„Ваквите електронски дефекти се нормални појави во воздухопловството и за нив постојат предвидени безбедносни процедури. М-НАВ ги применува токму тие процедури и моментално нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај. Единствената разлика е намалениот број авиони што можат да се опслужат во еден час“, додаде Ристески.
Тој најави дека стручните екипи на М-НАВ интензивно работат за што побрзо враќање во функција на радарската глава „Алениа – Бањски Рид“.
Додека не се отстрани проблемот, за следење на авионите на големи височини контролорите се потпираат и на радарите од соседните земји – Грција и Бугарија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

