02 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Два млади животи згаснаа денеска во трагичен настан што ја потресе јавноста, откако жена и нејзината шестгодишна ќерка беа пронајдени мртви во скопската населба Тафталиџе. Полицијата до доцна вечерва вршеше увид на местото на настанот, додека околностите за случајот се утврдуваат.
Во јавна објава на социјалните мрежи, братот на починатата жена, Александар Стојаноски, се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека надлежните институции со години не реагирале соодветно на пријавите за семејно насилство.
Стојаноски посочува дека неговата сестра подолг временски период пријавувала физичко и психичко насилство, закани, па дури и обид за убиство, но институциите не презеле ефикасни мерки.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство. Денес се случи убиство. Денес потфрли МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата“, наведува тој во објавата.
Тој апелира до јавноста да не шпекулира за деталите од случајот, нагласувајќи дека семејството ќе се бори правдата да биде задоволена.
„Никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа“, пишува Стојаноски.
Според неговите наводи, и покрај бројните пријави и случувања во изминатиот период, институциите не постапиле навремено. Тој бара поголем јавен и медиумски фокус, со цел случајот да не остане само статистика.
„Нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден“, наведува тој.
Во емотивниот дел од обраќањето, Стојаноски споделува дека неговата сестра тој ден требало повторно да оди во социјалните служби во врска со претходните пријави, а последниот разговор со неговата внука бил за време на празникот Прочка.
„Вујче, прости ми ако сум ти згрешила нешто“, му рекла таа. „Вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас, вујче, нема никогаш да простам и да заборавам“, пишува во објавата.
Трагедијата се случи во населбата Тафталиџе во Скопје. Од Министерството за внатрешни работи засега нема официјални детали за причините и околностите под кои настапила смртта. Истрагата е во тек, а повеќе информации се очекуваат по завршувањето на увидот.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста, отворајќи повторно прашања за ефикасноста на институционалната заштита во случаи на пријавено семејно насилство.
Благојче Атанасоски: Македонија секојдневно живее во деветтиот круг на пеколот
ИДФ: Елиминирани лидери на „иранската терористичка оска“ во ескалација на конфликтот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

