31 март 2025
• од Вардарски
УНЕСКО повторно реагира на сè поагресивната урбанизација во Охридскиот регион, особено на ридот Горица, каде и покрај претходните препораки, продолжува изградбата на нови туристички капацитети. Организацијата СОС Охрид преку соопштение до медиумите предупредува дека надлежните институции не преземаат никакви мерки за запирање на градежните активности, дури и во области каде урбанизацијата требаше да биде целосно стопирана.
Во соопштението се посочува на извештајот од Реактивната мониторинг мисија (РММ) на УНЕСКО, која минатиот март го посети Охрид и констатираше:
„Додека мисијата се приближуваше кон Охрид, на пошумениот рид Горица забележа уште едно градилиште. Се работи за изградба на уште еден хотел во област која порано беше пошумена, но во која прогресивно се градеа туристички капацитети. Центарот за светско наследство не беше известен за изградбата на овој нов комплекс пред да се донесе одлука за негова изградба, како што налага став 172 од Оперативните насоки.“
И покрај усвојувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, градежните активности продолжуваат со уште поголем интензитет. Според СОС Охрид, ова директно го нарушува статусот на регионот како заштитено светско наследство.
Мисијата на УНЕСКО побарала целосна проектна документација за новиот хотелски комплекс, како и спроведена проценка на влијанието врз животната средина и културното наследство. Овие документи требало да бидат доставени до Центарот за светско наследство, но според СОС Охрид, тоа не е направено навремено, ниту транспарентно.
Во април 2024 година, организацијата СОС Охрид самостојно доставила подетални информации за новиот хотелски комплекс до УНЕСКО, а потоа следуваше и годишната седница на Комитетот за светско наследство во јули 2024. Таму беше усвоена Одлуката 46 COM 7B.44, во која експлицитно се повикува Република Северна Македонија да ја запре изградбата во близина на Студенчишко Блато, како и комплексите Горица Север и Горица 3, сè додека не се изработат соодветни анализи на влијанието.
И покрај ова, државата не ги информираше граѓаните за ваквите обврски, ниту пак го извести УНЕСКО дека нешто е преземено. Во најновиот извештај од 31 јануари 2025 година, не е споменато ништо во врска со изградбата на Горица.
Од СОС Охрид предупредуваат:
„Државата постапува спротивно на Конвенцијата за светско наследство, која претставува меѓународно правно обврзувачки документ. Ароганцијата на властите ја достигна точката каде што Центарот за светско наследство, ИУЦН, ИКОМОС и целиот Комитет се игнорираат со отворено непочитување.“
„Поважно им е да се наполнат џебовите на моќниците отколку да се зачува едно од најстарите езера во Европа, старо 1,5 милиони години“, алармираат од организацијата.
Охрид и понатаму е под закана да го изгуби статусот на светско наследство, додека државните и локалните институции остануваат неми пред апелите на експертите и граѓанските иницијативи. СОС Охрид ја повикува јавноста да не молчи и да се приклучи во заштитата на уникатното природно и културно богатство на регионот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

