02 март 2025
• од Вардарски
Ден по денешниот празник Прочка, од утре почнува Велигденскиот пост посветен за подготовка и во чест и спомен на Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.
Велигденскиот пост опфаќа 7 недели, трае 48 дена, од Прочка до Велигден, но се нарекува Четириесетница, затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална или Страстна седмица.
Постот е време на соединување со Бога – Причестување, Заедничарење, Благодарење – Евхаристија.
Лел од верниците постат „на вода“ , освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино.
Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник.
Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики Четврток заради Тајната вечера.
Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.
Првите три дана – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.
Велигденскиот пост е најстрогиот од сите постови: Постот претставува телесно и духовно воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.
Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.
Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.
Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.
Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

