01 февруари 2025
• од Гоце Кически
Во рамките на Програмата INTERREG VI-A ИПП Бугарија - Македонија 2021-2027, наскоро ќе започне реализацијата на нов проект во општина Берово, кој предвидува изградба на велосипедска патека со должина од околу 22 километри. Овој проект, кој веќе е одобрен, има за цел подобрување на туристичката понуда и инфраструктура во овој регион, соопштија од општина Берово.
Постоечката патека започнува од туристичкото место Беровско Езеро, поминува низ локалитетите Кукута и Бреза, и завршува кај идниот Граничен премин Клепало. Оваа рута е една од најатрактивните за планински велосипедизам во регионот. Проектот вклучува изградба на дрвена беседка за одмор кај локалитетот Кукута, поставување соодветна сигнализација и маркировка низ целата патека, како и опремување на сервис за поправка на велосипеди со бетонска платформа. Дополнително, ќе биде изградена зона за одмор со тоалет и канти за отпадоци, како и информативни табли.
Партнери во проектот се општините Струмица и туристичкото здружение од овој град, заедно со општините Петрич и Струмјани од Бугарија, како и Бизнис информативниот и консултантски центар – Сандански. Водечки партнер е општина Петрич.
Проектот е дел од Приоритетот 3: „Интегриран развој на прекуграничниот регион“. Програмата опфаќа инвестиции од 7,7 милиони евра во 12 општини од Македонија, вклучувајќи ги Делчево, Струмица, Штип, Македонска Каменица и други, како и 12 општини од Бугарија.
Целта на оваа иницијатива е да се поттикне економскиот раст, одржливото искористување на природните ресурси и подобрување на туристичките можности на прекуграничниот регион. Проектите се дизајнирани да создадат целогодишни туристички производи, со акцент на ангажманот на локалните заедници и подобрување на инфраструктурата.
Овој проект претставува важен чекор во зајакнувањето на соработката меѓу Македонија и Бугарија, нудејќи нови можности за развој на туризмот и економијата во регионот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

