08 април 2025
• од Вардарски
Венко Филипче, во своето обраќање на конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д 'Вили Брант' за проширување на ЕУ“ во Брисел, упати јасна порака: европската иднина на Северна Македонија е сериозно загрозена, а социјалдемократските сили од Европа мора да преземат поголема улога во заживување на процесот на проширување.
Филипче истакна дека процесот на евроинтеграција не треба да се гледа како обично административно усогласување со европското законодавство, туку како геополитички приоритет со длабоко демократско значење за регионот.
„Европската иднина на Северна Македонија не е само избор, туку неопходност. Сега е клучниот момент европските социјалдемократи да го засилат притисокот и поддршката за проширување, затоа што секое одложување го поткопува демократскиот развој на земјата“, порача Филипче.
Тој нагласи дека Северна Македонија се соочува со опасна стагнација во евроинтеграцискиот процес поради, како што рече, неподготвеноста на актуелната влада да ги спроведе потребните уставни измени, кои се предуслов за отворање на пристапните поглавја со ЕУ.
„Се наоѓаме во ситуација на самонаметнато вето. Владата нема политичка волја ниту капацитет да го продолжи процесот. Со тоа не се загрозува само европската агенда, туку и целокупната иднина на државата“, истакна претседателот на СДСМ.
Филипче ја повика Партијата на европските социјалисти (ПЕС) и групата Социјалисти и демократи во Европскиот парламент да бидат двигател на нова социјалдемократска енергија која ќе ја врати довербата во проширувањето како стратегиски проект на Европската Унија.
„Европа мора да покаже дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Ако не го направи тоа, ќе го отстапи просторот на антиевропски сили кои ја користат стагнацијата за свои цели“, предупреди Филипче.
Конференцијата во Брисел, организирана од прогресивната Алијанса на социјалисти и демократи, го означи почетокот на Програмата „Вили Брант“, која има за цел да го зајакне ангажманот на социјалдемократите во процесот на проширување на Европската Унија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

