Венко Филипче: Северна Македонија никогаш немала полоша Влада!
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро ја критикуваше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, нарекувајќи ја „најнеспособната досега“, во своето обраќање по завршувањето на денешните внатрепартиски избори на СДСМ.
„За само 10 месеци, оваа Влада покажа дека ниту знае, ниту умее да се справи со проблемите. Сѐ што кажаа – излажаа, ниту едно ветување не е исполнето“, изјави Филипче, додавајќи дека во сите општествени сфери се бележи уназадување.
Тој нагласи дека земјоделците се оставени без соодветни субвенции, образовниот систем е погоден од „катастрофални политики“, а здравствениот систем е на колена. Филипче ги осуди и економските политики на Владата, тврдејќи дека „ги убедуваат граѓаните дека можат да живеат со 400 евра месечно“.
„Какви лицемери седат во Владата“, потенцираше тој, нагласувајќи дека оваа извршна власт не ја носи државата напред, туку ја враќа назад.
Во вториот дел од своето обраќање, Филипче испрати силна порака за обединетост и подготвеност на СДСМ за нова политичка борба.
„Имаме обврска пред граѓаните да покажеме дека сме подготвени, мотивирани и дека знаеме како да ја водиме државата напред. Ќе ја вратиме С. Македонија на европскиот пат и нема да дозволиме манипулации со судбината на граѓаните“, рече тој.
Филипче ја затвори изјавата со порака за мобилизација и решителност: „СДСМ е силна, СДСМ е подготвена, СДСМ се враќа на победничките патеки. Ние ќе бидеме тие што ќе ја вратат државата на вистинскиот пат – за доброто на С. Македонија и на сите нејзини граѓани.“
Останува да се види дали критиките на СДСМ ќе добијат одговор од Владата и каков политички импакт ќе има оваа порака во пресрет на евентуалните предвремени парламентарни избори.