23 април 2026
• од Темелко Тошев
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упати сериозни обвинувања до актуелната владина коалиција, тврдејќи дека најмалку двајца министри во кабинетот поседуваат бугарско државјанство покрај македонското. Според социјалдемократите, ова отвора прашања за лојалноста и заштитата на државните интереси.
На денешната прес-конференција, Филипче нагласи дека поседувањето двојно државјанство на високи државни функции е прашање од највисок степен на одговорност.
„Не може министри во Влада да имаат резервна татковина. Не може министерка во Влада да има пасош и државјанство од друга држава. За чии интереси работи таа министерка и уште еден министер кој го крие бугарското државјанство? Тоа е клучното прашање,“ изјави Филипче.
Тој додаде дека кога некој дава изјава под материјална и кривична одговорност, тоа е сериозна работа која не смее да помине без институционална проверка. Иако беше запрашан конкретно кој е вториот министер кој наводно крие бугарски пасош, Филипче одговори кратко дека „не би коментирал во овој момент“.
Најекспониран во јавноста е случајот на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Иако таа првично негираше дека поседува бугарски документи, подоцна во јавните настапи призна дека имала бугарски пасош, но дека поднела барање за отпуст од државјанството.
Истражувањата на медиумите (како „360 степени“) веќе објавија дека процедурата за отпуст не е завршена, што правно ја прави сè уште државјанка на соседна Бугарија. Дополнително масло на огнот фрли бугарската агенција БГНЕС, која објави документ од 2004 година, наводно потпишан од Божиновска, во кој таа изјавува дека има бугарска национална свест и потекло.
Од СДСМ порачуваат дека е потребна дебата и длабинска анализа за тоа кој и на каков начин треба да ги спроведе проверките за функционерите со двојно државјанство. За опозицијата е неприфатливо „молчењето на институциите“ пред факти кои можат да влијаат врз безбедносните и стратешките одлуки на државата.
Останува отворено прашањето дали Владата ќе излезе со официјален одговор на овие обвинувања и дали ќе биде откриен идентитетот на вториот министер за кој Филипче тврди дека поседува бугарски документи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

