16 мај 2025
• од Вардарски
Во дебатната емисија „24 Анализа“ на телевизија 24, заменичката претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова – Пановска, испрати силна порака до актуелната власт, истакнувајќи дека пораките од претседателот на Европскиот совет, Антониу Кошта, се јасни и недвосмислени – Македонија има обврска да го исполни договореното и да го продолжи својот европски пат.
Каранфилова – Пановска нагласи дека посетата на Кошта претставува силен сигнал од Европската Унија, која, како што рече, и натаму вложува напори да ја задржи Македонија на патеката кон полноправно членство. Таа потсети дека обврските што произлегуваат од Преговарачката рамка се веќе поставени и треба да се реализираат, бидејќи тие не само што го утврдуваат патот кон ЕУ, туку и гаранциите за тој пат.
„Тоа што е договорено, мора да се испорача. Изјавата на Кошта беше во линија со сите досегашни пораки од Брисел. Не може државата да очекува напредок ако не ги исполни своите ветувања“, изјави таа.
Во таа насока, Каранфилова – Пановска потсети дека суштинскиот услов за деблокирање на процесот е вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија – чекор што произлегува од Преговарачката рамка и кој Европската Унија го гледа како клучна гаранција за продолжување на преговорите.
Во својот настап, Каранфилова – Пановска остро ја критикуваше актуелната власт и премиерот Христијан Мицкоски, за кои рече дека не покажуваат политичка волја за одблокирање на процесот. Таа истакна дека евроинтегративниот пат е фактички блокиран, иако СДСМ е подготвен да даде поддршка за секоја иницијатива што ќе обезбеди подобра преговарачка позиција за земјата.
„Ние и понатаму нудиме поддршка за сè што е во интерес на граѓаните и државата, но од страна на власта нема конкретни чекори. Само со празна реторика не се оди напред“, додаде Каранфилова – Пановска.
Таа потсети и на периодот кога СДСМ беше на власт, посочувајќи дека партијата секогаш упатувала отворени повици до опозицијата – тогаш ВМРО-ДПМНЕ – за заедничко учество во евроинтегративниот процес. Како пример го наведе усвојувањето на резолуцијата со „црвени линии“ во 2021 година, предложена токму од ВМРО-ДПМНЕ, која беше поддржана од владејачкото мнозинство предводено од СДСМ.
„Не е точно дека тогашната опозиција беше исклучена од процесот. Напротив, имаше соработка. Сега како опозиција, ние повторно подаваме рака, затоа што прашањето за европската иднина на државата е надпартиско и бара заедничка одговорност“, рече Каранфилова – Пановска.
Завршувајќи ја дебатата, таа укажа на ризикот Македонија да биде изоставена од „брзата трака“ кон ЕУ по која се движат Албанија, Црна Гора, па дури и Молдавија, прашувајќи: „Со каква перспектива и гордост ќе излеземе пред младите генерации ако не ја искористиме оваа историска шанса?“
Повикувајќи на зрелост и одговорност, Каранфилова – Пановска уште еднаш ја истакна подготвеноста на СДСМ да придонесе кон решенија што ќе го деблокираат европскиот процес, вклучително и уставните измени, во интерес на граѓаните и иднината на државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

