20 октомври 2026
• од Тодор Вангелов
Нападите за кои се сомнева дека ги извршила Русија врз цивилни бродови во Црното Море дополнително го загрозуваат извозот на украинско жито и глобалното снабдување со храна, предупреди шефицата на европската дипломатија Каја Калас. Во обраќање пред Европскиот парламент таа рече дека бродови биле нападнати шестпати во период од десет дена, оценувајќи ги нападите како „опасна и неприфатлива ескалација“, објави Euronews.
Нападите се случиле во близина на бреговите на Романија и Бугарија, членки на Европската Унија и НАТО. Калас ја обвини Москва дека се обидува да ги намали украинските приходи од извоз, додека руските сили бележат ограничен напредок на бојното поле. Според неа, Украина губи околу 60 милиони евра дневно од извозни приходи.
Украина е меѓу водечките светски извозници на пченица, пченка и јачмен, а најголем дел од земјоделските производи се извезуваат по морски пат. Калас рече дека светските резерви на жито се поголеми отколку во 2022 година, но предупреди дека сушите, можниот силен феномен Ел Нињо и конфликтот на Блискиот Исток, кој го нарушува извозот на ѓубрива, создаваат дополнителен притисок врз снабдувањето со храна.
Европската Унија од 2022 година развива копнени коридори за транспорт на украинска стока, но Калас рече дека и тие се изложени на ризик поради руските напади врз гранични премини кон Молдавија, Романија и Полска. Минатата недела европските лидери повикаа веднаш да се обнови безбедното минување на цивилните бродови низ Црното Море.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

