02 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Денес Православната црква го прославува споменот на Светиот великомаченик Теодор Тирон – еден од најраните и најпочитувани христијански маченици од почетокот на IV век. Неговото име „Тирон“ значи „регрут“, што укажува на неговиот воен чин во времето кога ја положил својата жртва за верата.
Свети Теодор бил млад војник во Мармаритскиот полк, стациониран во градот Амасија. Неговата служба се совпаднала со жестокото гонење на христијаните за време на царевите Максимијан и Максимин. Во тој период, исповедањето на христијанската вера било строго забрането и казнувано со смрт.
Иако бил нов војник – „регрут“, Теодор не сакал да ја сокрие својата вера. Отворено се изјаснил како христијанин, поради што бил изведен пред суд. Наместо да се откаже од Христос, останал цврст во своето сведоштво. Поради тоа бил фрлен во затвор, заклучен и запечатен, со намера да биде скршен со глад и страв.
Во затворската темнина, според преданието, му се јавил Самиот Христос, охрабрувајќи го со зборовите: „Не плаши се, Теодор, Јас Сум со тебе; не земај веќе овоземна храна и пијалак, зашто ќе бидеш во другиот живот, вечниот и неминливиот, со Мене на небесата“.
По оваа божествена појава, затворот се исполнил со светлина. Мнозинство ангели се јавиле, облечени во бело, а стражарите, кои биле сведоци на настанот, се исплашиле од чудесната глетка. Овој настан ја зацврстил решителноста на светиот маченик да остане верен до крај.
По извесно време, Свети Теодор повторно бил изведен пред суд и осуден на смрт. Казната била сурова – бил фрлен во оган. Во пламенот, без страв и со молитва, ја предал својата душа на Севишниот Бог. Неговото мачеништво се случило во 306 година.
Со својата жртва, Свети Теодор Тирон станал пример за храброст, истрајност и непоколеблива вера. Неговото сведоштво останува силна порака дека вистинската вера не може да се уништи со сила, туку се зацврстува преку страдање и љубов кон Бога.
Празнувањето на Светиот великомаченик Теодор Тирон нè потсетува на важноста од духовна цврстина и верност кон сопствените убедувања, дури и во најтешките околности. Неговата жртва е сведоштво дека вистинската сила не е во оружјето, туку во верата и довербата во Бога.
ИДФ: Елиминирани лидери на „иранската терористичка оска“ во ескалација на конфликтот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

