07 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Денеска православната црква го одбележува споменот на Светата првомаченичка Текла, која се нарекува и рамноапостолна поради нејзината голема ревност и мисионерско дело во ширењето на христијанството.
Светата Текла била родена во Иконија, во семејство на угледни, но незнабожечки родители. Како осумнаесетгодишна девојка, таа била верена за младич од нејзиниот град. Во тоа време, светиот апостол Павле, заедно со Варнава, пристигнал во Иконија за да го проповеда Евангелието Христово.
Текла, слушајќи ја проповедта на Павле три дена и три ноќи, била длабоко потресена од неговите зборови. Таа целосно се обратила во верата Христова и решила да Му се предаде на Бога во целосна девственост.
Нејзината мајка, забележувајќи дека ќерката повеќе не се интересира за својот вереник и одбива брак, прво се обидела со совети да ја одврати, а потоа ја тепала и ја држела гладна. На крај, ја предала на судијата, барајќи да биде изгорена во оган. Но, Бог ја зачувал Текла неповредена од пламенот.
По ова чудо, таа го следела апостолот Павле и заедно со него отпатувала во Антиохија, каде што продолжила да го проповеда Евангелието.
Со благослов на Павле, Текла се повлекла во пустинско место близу Селевкија, каде што живеела во молитва и пост. Бог ѝ дарувал чудотворна сила – исцелувала болни и многумина преку неа се обратиле кон христијанството.
Но, лекарите и жреците во Селевкија се исполниле со завист поради нејзината сила и углед. Испратиле млади луѓе да ја осквернат, мислејќи дека ако ја изгуби девственоста, ќе ја изгуби и благодатта Божја. Кога била во опасност да биде фатена, се помолила на Бога, и чудесно — карпата пред неа се отворила и ја сокрила. Таа карпа ѝ станала и скривалиште и гроб.
Светата првомаченичка Текла се почитува како заштитничка на девствениците и мисионерите. Нејзиниот живот е пример за непоколеблива вера, чистота и духовна сила. Таа се смета за првата жена маченичка која храбро сведочела за Христос и затоа е наречена „рамноапостолна“ – еднаква со апостолите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден