25 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Денес, православната црква го празнува споменот на Светиот свештеномаченик Автоном – светител кој својот живот го посвети на верата во Христос и пострада маченички заради својата непоколеблива преданост.
Во времето на жестокото гонење на христијаните под царот Диоклецијан, свети Автоном беше принуден да пребегне од Италија во Витинија Азиска. Таму, во местото Сореос, тој се предаде на подвижнички живот и духовна работа, градејќи црква посветена на светиот Архангел Михаил. Своето живеалиште го најде во домот на благочестивиот христијанин Корнелиј, кого најпрво го ракоположи за свештеник, а потоа и за епископ.
Неуморно проповедајќи, Автоном го прошири Евангелието и меѓу жителите на соседното место Лимна, каде што живееја само незнабошци. Со своите зборови и дела успеа многумина да ги просвети во Христовата вера.
Оваа ревност ја разгневи незнабожечката средина. Еден ден тие насилно навлегоа во црквата на светиот Архангел Михаил во Сореос и, за време на богослужба, го убија свети Автоном во самиот олтар, а со него пострадаа и многу други христијани.
Неговата крв стана семе на верата и симбол на непоколебливост во Христовата вистина.
Во времето на царот Константин, на неговиот гроб царскиот достоинственик Севиријан изгради храм. Двесте години по неговата смрт, светителот му се јави на еден војник по име Јован. Тој ги откри моштите на Автоном, кои беа најдени нетлени. Од нив потекуваа многубројни исцеленија, што посведочи дека Бог го прославува оној што Него Го прославувал на земјата.
Светиот свештеномаченик Автоном е пример на непоколеблива вера, љубов кон луѓето и духовна сила. Неговиот живот и маченичка смрт сведочат дека вистината на Евангелието е посилна од секое гонение и дека Бог ги возвишува Своите слуги и после нивното заминување од овој свет.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден