03 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Свети Евстатиј Плакида бил голем римски војсководец во времето на царевите Тит и Трајан. Во својата младост, иако незнабожец, бил човек праведен и милостив, сличен на капетанот Корнилиј кого го крсти апостолот Петар.
Еднаш, додека ловел, Плакида подгонил еден елен. Меѓу роговите на животното, по Божја Промисла, му се јавил светол крст и глас Господов што го упатил да прими крштевање. Плакида, заедно со својата жена и двајцата синови, се крстил и добил ново име – Евстатиј. Жена му била крстена како Теопистија, а синовите како Агапиј и Теопист.
По крштевањето, Евстатиј сакал да се повлече од светската слава и со семејството да Му служи на Бога. Но, на пат кон Египет го снашле големи искушенија: варварин му ја грабнал жената, а ѕверови ги однеле синовите. Господ сепак го сочувал семејството, иако разделени, тие останале живи и со Неговата Промисла повторно се соединиле по многу години. Евстатиј во тоа време живеел скромно, како селски работник во египетското село Вадисис.
Кога варварите го нападнале Рим, царот Трајан се сетил на храбриот војвода Плакида и испратил луѓе да го пронајдат. Евстатиј бил вратен во војската, собрал војска и извојувал голема победа. На патот назад кон Рим, по Божја волја, повторно се соединил со својата жена и синовите.
Кога во Рим на престолот дошол царот Адријан, од него било побарано да принесе жртви на идолите. Евстатиј храбро посведочил дека е христијанин и одбил да се поклони на лажните богови. Заедно со своето семејство бил подложен на маки, но Господ ги зачувал од ѕверови. Конечно, биле фрлени во усвитен метален вол. По три дена, нивните тела биле извадени мртви, но неповредени.
Така, Свети Евстатиј Плакида со својот живот и маченичка смрт оставил пример за вера, храброст и непоколебливост во Христос. Тој ја извршил должноста и кон царот, и кон Бога, а за својата верност бил удостоен со вечното царство.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден