27 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Денес православните христијани го празнуваат Воздвижението на Чесниот Крст – Крстовден, еден од големите Господови празници, кој има посебно значење во историјата на христијанството.
На овој ден Црквата се сеќава на два важни настани поврзани со Чесниот Крст: пронаоѓањето на Крстот Христов на Голгота и враќањето на Крстот од Персија во Ерусалим.
Според црковното предание, светата царица Елена – мајката на цар Константин Велики – во својата побожност тргнала да го побара Крстот на кој бил распнат Христос. По сведоштвото на еден стар еврејски жител на Ерусалим, Крстот бил закопан под храм посветен на паганската божица Венера, изграден на местото на Голгота.
По рушењето на храмот, биле најдени три крста. За да се открие кој е вистинскиот Христов Крст, патријархот Макариј предложил тие да бидат положени врз едно мртво тело. Кога третиот крст бил ставен, покојникот оживеал. Така, со чудо, бил познаен Животворниот Крст Господов.
Подоцна, Крстот бил однесен во Персија како трофеј по војните. Таму останал четиринаесет години, сè до 628 година, кога византискиот цар Ираклиј го победил царот Хозрој и со слава го вратил Крстот во Ерусалим.
Преданието сведочи дека царот, облечен во раскошна царска облека, не можел да направи ни чекор под тежината на Крстот. По совет на патријархот Захарија, Ираклиј се соблекол од царските знаци, облекол едноставна руба и босоног го понел Крстот по патот по кој одел и самиот Христос. Така Крстот бил внесен во храмот на Воскресението, на радост на целото христијанство.
На Крстовден, верниците постат и се молат, оддавајќи чест на симболот на спасението. Во храмовите се изнесува Крстот на средината, а народот со вера му се поклонува. Овој празник потсетува дека преку Крстот дошло и воскресението, а преку жртвата – вечниот живот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден