06 мај 2025
• од Вардарски
Денес, на 6 мај, се навршуваат точно 34 години од трагичната смрт на Сашко Гешовски, првата жртва поврзана со почетокот на распадот на Југославија. По овој повод, од Музеј-галеријата во Кавадарци потсетуваат на неговиот живот и жртвата што ја поднесе во преломните моменти на историјата.
Сашко Гешовски е роден на 31 октомври 1971 година во Кавадарци, каде ги завршил своето основно и средно образование. По завршувањето на школувањето, заминал на отслужување на воениот рок во Југословенската народна армија (ЈНА), во Сплит, Хрватска.
На 6 мај 1991 година, додека бил на задача пред зградата на Воено-поморската област во Сплит, бил застрелан од маскиран припадник на МВР на Република Хрватска. Четири куршуми го погодиле смртно, а Гешовски станал симбол на првата жртва во конфликтот што ќе доведе до крвавиот распад на некогашната федерација.
Веста за неговата смрт силно одекнала во родниот град. Веќе следниот ден, на 7 мај, во Кавадарци се одржал масовен протестен митинг на кој речиси целото население излегло на градскиот плоштад да го изрази својот револт и тага. Палејќи свеќи, сограѓаните му оддавале почит на својот сограѓанин. Телото на Гешовски било пренесено со воен хеликоптер, а на неговиот погреб присуствувале повеќе од 20.000 граѓани од сите краишта на поранешна Југославија. По повод неговата смрт, во Кавадарци била прогласена тридневна жалост.
Музејот потсетува дека во истиот конфликт, своите животи ги загубиле и други млади луѓе од Кавадарци. Петре Тодоровски, исто така роден во 1971 година, загинал на 26 јули 1991 година како припадник на ЈНА во касарната Љубљана–Поље во Словенија, додека бил на стража. Исто така, Мишко Митрев од Ваташа, роден во 1954 година, загинал во септември 1991 година како подофицер во ЈНА при одбрана на касарната во Ѓаково.
Секој мај, Кавадарци се сеќава на овие свои синови кои останале во колективната меморија како млади животи загубени во пресвртен период за Балканот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

