06 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, изјави дека често е обвинуван за наводни обиди за создавање на таканаречената „Голема Албанија“, но категорично ги негира овие тврдења, велејќи дека доколку навистина имал таква цел – ќе ја реализирал уште пред повеќе од две децении.
Во интервју за емисијата „Jehona Politike“ на телевизијата Klan Kosova, Ахмети потсети дека во времето кога бил командант на Ослободителната национална армија (ОНА), имал под свое раководство околу 15 илјади вооружени борци, и доколку сакал да ја подели Македонија, можел тоа лесно да го направи.
„Ме обвинуваат дека работам за создавање на Голема Албанија. Ако навистина сакав, Македонија ќе ја поделев тогаш кога имав 15 илјади војници. Тогаш ја имав најсилната албанска елита – ОНА,“ изјави Ахмети.
Тој додаде дека во тој период имал пред себе документ кој би значел спротивставување на концептот за мултиетничка Северна Македонија, но одбил да го потпише, иако му било понудено да соработува со тогашниот премиер Љупчо Георгиевски.
„Го имав документот пред мене. Доволно беше само да го потпишам и да седнам со Љупчо Георгиевски, човек кого го почитувам затоа што отворено го кажува она што го мисли. Но тој, тогаш и сега, е против мултиетнички држави. Моја филозофија е спротивна на неговата,“ нагласи Ахмети.
Ахмети истакна дека и денес верува во можноста Северна Македонија да стане пример за мултиетничко општество во регионот, споредувајќи ја со Швајцарија, земја во која и самиот живеел извесен период.
„Живеев во Швајцарија и знам како функционира држава со четири народи. Зошто да не функционира и Северна Македонија на тој начин? Уште од 2001 година велам дека оваа држава може да стане Швајцарија на Западен Балкан,“ рече тој.
На крајот, лидерот на ДУИ повтори дека никогаш не се каел за своите одлуки и дека неговата визија е јасна:
„Никако не се каам. Јас сум за единствена Македонија, во која сите народи се еднакви. За Македонија членка на Европската Унија, за држава без поделби и без граници,“ заврши Ахмети.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

