Ахмети: Го цениме смелиот чекор на Таравари – тој многу порано сфати дека оваа влада е антиалбанска
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска изјави дека партијата сè уште нема донесено одлука како ќе настапи на претстојните локални избори кои треба да се одржат во октомври. Тој најави дека во текот на неделата ќе бидат повикани сите највисоки партиски тела за да се разгледа ситуацијата и можните стратегии.
Во изјава за медиумите, Ахмети се осврна и на односите со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој воедно е и актуелен министер за здравство. На прашањето дали веќе постои некаков договор за заеднички настап на локалните избори, Ахмети одговори дека засега нема финални разговори, но потенцираше дека се цени „смелиот чекор“ на Таравари.
„Секако, го цениме смелиот чекор на Таравари, бидејќи тој многу порано сфати дека оваа влада не е ништо повеќе од антиалбанска влада“, изјави Ахмети при неговата посета на скопското село Свиларе. Тој додаде дека одлуката на Таравари да се дистанцира од коалицијата ВЛЕН е негова лична одлука.
Ахмети нагласи дека сè уште не е изградена никаква конкретна стратегија за изборите и дека сите детали ќе се разгледуваат внатре во партијата. „Господинот Таравари ми се чини дека рече – јас не сум роден во влада, и во моментот кога ќе стане неприфатливо, може да си замине. Но, тоа се прашања на господинот Таравари, тоа не се прашања на ДУИ, ниту на ‘Европскиот фронт’, тоа се внатрешни прашања што господинот Таравари треба да ги менаџира“, рече Ахмети.
ДУИ и коалицијата „Европски фронт“ ќе ја утврдат својата изборна стратегија во консултации со сите партии членки, а јавноста очекува наскоро да се дознае дали ќе се формираат нови предизборни сојузи.