08 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во септември годинава спровеле 91 контрола во кујните на градинките и 23 вонредни надзори во училишните кујни низ целата држава. Контролите откриле повеќе неправилности, поради што се изречени парични казни и донесени решенија за нивно отстранување.
Во две градинки била утврдена незадоволителна хигиена во кујните, додека една градинка не спровела задолжителен здравствен преглед за персоналот што работи со храна. Поради овие прекршоци, изречени се три парични казни, а поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
АХВ издаде и девет решенија со наредби за отстранување на утврдените недостатоци во установите каде биле регистрирани пропусти.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови биле забележани само во една училишна кујна. Во две други се утврдени отстапки во примената на добрата производствена и хигиенска пракса.
Поради погрешно декларирање на производи, уништени се 59 килограми храна. За овие неправилности, инспекциските служби на АХВ изрекоа една парична казна и донесоа пет решенија за корекција на состојбите.
АХВ најавува дека ќе продолжи со редовните и вонредни инспекциски надзори во градинките и училиштата, со цел да се обезбедат безбедни и хигиенски услови за подготовка и послужување на храната за децата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден