18 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, упати честитка до премиерот на Албанија, Еди Рама, по повод неговиот повторен избор на чело на албанската влада. Во писмената порака, Ахмети му посака успех во реализацијата на владината програма и нагласи дека Албанија ужива безрезервна поддршка во процесот на европската интеграција.
„Те поздравувам како брат, со најискрени желби за успех во спроведувањето на владината програма. Имаш поддршка од нас, во насока на европска Албанија и чекорење без запирање кон целосна европска интеграција. Денес нема поголем патриотски чин од европска Албанија,“ порача Ахмети.
Тој ја потсети јавноста дека на 19 јули 2022 година, Скопје и Тирана заеднички ги започнаа преговорите во Брисел, но денес, според него, ситуацијата е значително различна. „Албанија ги има отворено речиси сите преговарачки поглавја, додека Македонија ја загуби насоката кон европската престолнина,“ вели Ахмети.
Ахмети ја изрази својата загриженост за застојот на евроинтеграциите на Северна Македонија, како и за „зголемените српско-руски влијанија во земјата и сериозното нарушување на етничката еднаквост преку разнебитувањето на Охридскиот рамковен договор од 2001 година“.
Во пораката, лидерот на ДУИ нагласи дека посветеноста на Рама и на Албанија кон европската агенда претставува пример кој треба да послужи како поттик и за Македонија да се приклучи на тој пат.
„Еди, ти посакувам здравје и успех во овој важен мандат, не само за Албанија и Албанците, туку и за целиот регион. Нека е со среќа за тебе и за Албанија,“ стои во честитката на Ахмети.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден