Алијанса за Албанците ќе настапи со свои листи на локалните избори, но останува дел од ВЛЕН
Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари, на претстојните локални избори ќе настапи со свои листи за општински совети, но и покрај оваа одлука, останува дел од коалицијата ВЛЕН и нема намера да ја напушти Владата. Ова беше соопштено од Таравари на прес-конференција по седницата на Централното претседателство на партијата што се одржа во Тетово.
„Алијанса за Албанците дефинитивно ќе настапи со свои советнички листи во сите општини каде што има албанско население, најмногу во западниот дел од земјата. Од почетокот на мај ќе започнеме со активности на терен, формирање на штабови и директна комуникација со политичкиот актив“, изјави Таравари.
Тој додаде дека одлуката да се настапи самостојно на локалните избори не значи и раскинување на коалицијата со ВЛЕН. Според него, Алијанса останува дел од оваа коалиција и не гледа причина за напуштање на Владата, каде што партијата има свои претставници, вклучително и министерската функција во здравството.
„Ние сме дел од ВЛЕН, не излегуваме. Оваа одлука не значи напуштање на коалицијата. Едноставно, решивме дека е најдобро за нас да одиме со свои листи“, потенцираше Таравари.
Во врска со кандидатите за градоначалници, тој рече дека сè уште нема конечна одлука. Истакна дека Алијанса предложила изборот на кандидати да се базира врз основа на анкети и сондажи, со цел да се најдат најдобрите кандидати, но овој предлог не бил прифатен од другите партнери во коалицијата.
„Нашиот предлог беше да се користи анкета како алатка за избор на кандидатите. Тоа не беше прифатено. Сметаме дека не е прифатливо четворица луѓе да одлучуваат кој каде ќе се кандидира. Локалните избори бараат силни индивидуи со поддршка од граѓаните, дури и ако се непартиски“, додаде тој.
На новинарско прашање дали оваа одлука може да предизвика тензии во ВЛЕН, Таравари одговори дека Алијанса уште од минатата година го има овој став и дека цело време се залагале за посебен настап на локалните избори. Тој се осврна и на изјавата на Билал Касами, градоначалник на Тетово и лидер на Беса, дека „оној што ќе се одвои ќе го јаде волкот“, нагласувајќи дека Алијанса сè уште е дел од коалицијата, но ако бидат исклучени, ќе донесат соодветна одлука.
„Ако некој одлучи да нè исклучи од коалицијата, тогаш ќе одлучиме што понатаму. Но, засега ние сме таму, немаме намера да излегуваме од Владата“, рече Таравари.
Оваа одлука доаѓа во време кога коалицијата ВЛЕН се подготвува за нов политички предизвик на локалните избори, а различните пристапи кон стратегијата за настап на изборите покажуваат дека внатрешната динамика меѓу партнерите не е без тензии. Алијанса за Албанците, сепак, очигледно избира да игра на картата на самостојност, но без целосно раскинување на политичките сојузи.