10 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Алијанса за Албанците (АА) денеска преку соопштение до јавноста алармира дека Србија официјално ја прогласила Северна Македонија за „српска територија“. Според нив, ваквиот чин бил одобрен од Владата на Северна Македонија со присуство на вицепремиерот Иван Стоилковиќ на церемонијата.
Министерката за труд и социјална политика на Србија, како што наведува АА, најавила проект за приклучување на Северна Македонија во таканаречениот „српски свет“. Церемонијата, според нив, била проследена со присуство на српска полиција и војска – што партијата го толкува како симболична окупација на државата и директно кршење на Уставот и суверенитетот.
Во рамки на настанот, во Битола и Кајмакчалан била организирана прослава, а градовите Битола и Охрид биле прогласени за „српски градови“. Српското знаме било промовирано како „Знаме на единството“.
Од АА нагласуваат дека целата церемонија се одвивала во присуство на вицепремиерот Иван Стоилковиќ, што тие го сметаат за јасен знак дека Владата на Северна Македонија го одобрува ваквиот чин. Според нив, ова е уште еден доказ дека актуелната власт, предводена од ВМРО-ЗНАМ, ја води државата кон интеграција во српскиот, а со тоа и во рускиот политички простор.
АА остро реагира дека овие случувања ја потврдуваат нивната загриженост дека Северна Македонија постепено ја губи независноста и европската ориентација. Тие сметаат дека државата, од суверена членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија, се претвора во „српска покраина“ и „полигон на Србија и Русија“.
Во соопштението, партијата ги обвинува албанските партии од коалицијата Влен дека со своето учество во Владата го легитимираат и оправдуваат процесот.
Алијанса за Албанците предупредува дека ваквите акции не само што ја загрозуваат независноста на Северна Македонија, туку и радикално ја менуваат нејзината геополитичка ориентација. Тие апелираат на јавноста и на меѓународната заедница да реагираат на, како што велат, сериозната закана за државниот суверенитет.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

