Алијанса за Албанците: Трагедијата од Кочани се злоупотребува за политичка пресметка со Албанците
Алијансата за Албанците (АА) денеска остро реагираше на, како што велат, злоупотребата на трагедијата во Кочани за етнички и политички мотивирана кампања против Албанците. Во официјално соопштение, партијата изрази длабока загриженост за начинот на кој институциите постапуваат по трагичниот настан, обвинувајќи ги властите за селективна правда и етничка дискриминација.
Според АА, се води оркестрирана акција од страна на Владата, Обвинителството и Министерството за внатрешни работи, која не само што ги таргетира Албанците, туку и претставува неправда кон самите жртви на трагедијата.
„Кампањата против Албанците, која премиерот Христијан Мицкоски ја најави со зборовите 'ќе ги фатиме за уши' и ќе ги испратиме во затвор, сега ја гледаме како реалност преку неосновани апсења и обвиненија,“ наведуваат од АА.
Партијата смета дека ваквите потези имаат две главни цели: прво, да ги прикријат вистинските одговорни лица, меѓу кои ги посочуваат премиерот, министерот за внатрешни работи и раководните лица на релевантните институции; и второ, да се создаде атмосфера на страв и етничка поделеност.
„Злоупотребата на трагедијата со политички и етнички мотиви е длабоко нечовечка и претставува навреда за болката на семејствата на жртвите,“ додаваат од Алијансата. Од таму бараат целосно расветлување на случајот и идентификување на вистинските виновници, со цел да се обезбеди правна сатисфакција за погодените семејства.
Алијансата апелира до институциите да ја запрат, како што ја нарекуваат, "штетната и деструктивна кампања", која според нив само ја продлабочува недовербата и ја влошува меѓуетничката клима во државата.
„Потребна ни е правда, а не пресметка. Болката на граѓаните не смее да се користи за политички поени“, заклучуваат од Алијансата за Албанците.