05 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Министерството за здравство почнува детална истрага за можни злоупотреби во кардиохирургијата, откако беа доставени осум досиеја со наводни нерегуларности поврзани со кардиохируршки интервенции.
Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека случаите ќе ги обработува внатрешна комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Целта е да се утврди вистината врз основа на медицински факти и во согласност со меѓународни стандарди и методолошки правила.
„Граѓаните имаат право и потреба да бидат сигурни дека добиваат здравствени услуги врз основа на реални медицински потреби и докази, а не според паушални проценки или коруптивни мотиви“, нагласи Алиу.
Првите состаноци на Комисијата започнуваат утре, а паралелно со тоа, Министерството побара и вонреден надзор од Лекарската комора.
Алиу потенцираше дека хроничниот недостиг на медицински кадар е дополнителен проблем. Во Скопје, бројот на операции е ограничен бидејќи кога има кардиохирурзи – недостигаат анестезиолози, што го забавува процесот.
За да се надмине оваа состојба, е најавена соработка со Клиниката за кардиохирургија од Словенија. Двете држави ќе потпишат билатерален меморандум за мобилност на лекари и медицински сестри, што ќе овозможи размена на персонал и усвојување на нови техники.
Прашањето се отвори по јавните изјави на докторот Сашко Кедев, кој укажа дека во некои случаи биле извршени интервенции без реална медицинска потреба.
Токму поради тоа, Министерството за здравство минатата недела формираше специјална комисија која ќе ги анализира сите податоци за кардиолошки и кардиоваскуларни интервенции, во јавните и приватните институции, во периодот од јануари 2022 до август 2025 година.
Министерот Алиу ги повика сите пациенти кои имаат сомнежи да пријавуваат случаи на евентуални злоупотреби.
Комисијата од утре ќе започне со разгледување на досиејата едно по едно. Доколку се утврдат елементи на кривични дела, случаите ќе бидат предадени до државното обвинителство за понатамошна истрага.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

