11 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Иако депонијата „Дрисла“ веќе трет ден го полни Скопје со чад и непријатен мирис на изгорена пластика и гума, министерот за здравство Азир Алиу дури денеска излезе со препораки за граѓаните. Тој по посетата на Градската општа болница „8 Септември“ се обрати пред медиумите и се обиде да ја смири јавноста.
„Заедно со Институтот за јавно здравје направивме анализа дали постои некаков степен на загадување кој може да биде штетен за здравјето. Ве уверувам дека мирисот е присутен и навистина е непријатен, но во овој момент воздухот не е на ниво кое предизвикува здравствени проблеми. Сепак, препорачувам граѓаните да не излегуваат надвор ако тоа не е неопходно“, изјави министерот Алиу.
Тој додаде дека во периодот што следи ќе биде формирана работна група во рамки на Министерството, која ќе ги следи последиците врз здравјето на населението од вакви појави.
Директорот на болницата „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски, предупреди дека квалитетот на воздухот мора да се следи внимателно, особено во претстојниот период кога се зголемува бројот на респираторни инфекции.
„Во соработка со Министерството за здравство, мора да обезбедиме лекарите да бидат достапни 24/7 за пациентите, за да се спречат потешки респираторни заболувања“, нагласи Стојаноски.
Жителите на главниот град веќе трет ден се жалат дека не можат да ги отворат прозорците ниту дење ниту ноќе, бидејќи чадот од „Дрисла“ целосно го обвива градот.
Премиерот Христијан Мицкоски денес најави дека со механизација обезбедена од општествено одговорни компании ќе се интервенира на самата депонија за да се запре понатамошното чадење. Тој истакна дека трајно решение за проблемот ќе се бара заедно со новиот градоначалник на Скопје.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден