03 април 2025
• од Гоце Кически
Во жестока дебата на денешната седница за опозициски пратенички прашања, лидерот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, го обвини премиерот Христијан Мицкоски за селективност во истрагата за трагедијата во Кочани и за обид да ја попречи правдата.
Апасиев постави директно прашање до Мицкоски во врска со опасноста од несоодветни обвиненија за случајот во Кочани, но наместо конкретен одговор, премиерот изнесе тврдења против Левица, што наиде на жесток одговор од пратеникот.
„Синдром на коза“ и „вербална дијареа“
„Ова што Вие го правите, кога рипате од тема на тема само за да не кажете што сте направиле, стручно во реториката се вика ‘синдром на коза’ или уште постручно ‘вербална дијареа’ – зборувате за сѐ, само за она што Ве прашав не зборувате“, истакна Апасиев.
Тој ја отфрли тезата на Мицкоски дека Левица купила цела зграда, потенцирајќи дека станува збор за подрумски простории со приземје, а не за цели објекти.
Кривична пријава за попречување на правдата
Во обраќањето, Апасиев му се закани на премиерот дека ќе поднесе кривична пријава против него за попречување на правдата и оддавање службена тајна.
„Вака ми се закануваше и Заев. Еве Ве охрабрувам, да сум имал страв од вакви како вас, немаше да се бавам со политика. Уште утре да ми поднесете кривична пријава, исто како што јас следната недела ќе Ви поднесам за кривично дело ‘попречување на правдата’ и за стек на кривични дела ‘оддавање службена тајна’“, изјави Апасиев.
Обвинувања за богатство на ВМРО-ДПМНЕ
Апасиев ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека, иако Македонија е најсиромашната држава во Европа, партијата е најбогата на континентот, дури побогата од ЦДУ на Ангела Меркел.
„Ова го кажува премиер, чија што илегална ‘бела палата’ само за струја месечно плаќа 10.000 евра! Скријте се таму и немојте да зборувате Вие за поштеност“, додаде тој.
Контроверзата со обвинителот Бубевски
На обидите на Мицкоски да се дистанцира од обвинителот Гаврил Бубевски, Апасиев покажа документ – Препорака издадена од ВМРО-ДПМНЕ ОК Пехчево во 2009 година, со потписи на осум членови на партијата, со која Бубевски бил препорачан за вработување како јавен обвинител во Скопје.
„Гаврил, тој што го сретнавте, што си намигнувавте таму, во 2009 година, Вашата партија го препорачала од тефтерчето на Гордето за да го вработат“, изјави Апасиев.
Политичката расправија меѓу Апасиев и Мицкоски продолжува да го бранува политичкиот пејзаж, додека истрагата за трагедијата во Кочани останува во фокусот на јавноста.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

