24 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на Фејсбук остро реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во врска со хаосот со отпадот во главниот град. Таа му упати низа обвинувања и го повика јавно да ја прифати одговорноста за, како што вели, блокадите кои го парализирале функционирањето на градот.
Арсовска нагласи дека советничката група на Мицкоски на општинско ниво не ја поддржала реализацијата на повеќе клучни проекти во интерес на граѓаните. Таа наведе дека се блокирани иницијативи за набавка на нови автобуси, воведување бесплатен јавен превоз, дополнителна механизација за чистење отпад, како и кадровско зајакнување на противпожарните служби.
„Не гласаа за нови автобуси, не гласаа за бесплатен превоз, не дозволија да се набави нова механизација за да се чисти ѓубрето… Ни за вработување на нови пожарникари, ни за нови противпожарни возила им кажаа да не гласаат!“, напиша Арсовска.
Градоначалничката изјави дека ја прифаќа одговорноста за дел од неисполнетите очекувања на граѓаните, но посочи дека премиерот треба да ја преземе одговорноста за „последиците од блокадите“ кои, според неа, довеле до хаос во Скопје.
„Ако сакаше да има одговорност, требаше твоите советници да дадат оставка, за да сега ти заедно со нив не си директно одговорен за хаосот во Скопје,“ порача таа.
Во својата објава Арсовска се осврна и на пошироките проблеми во земјата – од трагичните случаи со деца во Кочани, пожарите поврзани со поставување фотоволтаици, палењето отпад и еко-катастрофата во Трубарево, до зголеменото насилство и серијата убиства, вклучувајќи и случаи на жени кои, според неа, „ве молеле за помош“.
Таа дополнително го обвини Мицкоски и за состојбата со дивоградбите: „А одговорност за над 150 небезбедни нелегални дивоградби висококатници кои секој момент може да се срушат во Чаир ќе има ли?“
И покрај критиките, Арсовска најави итни мерки за расчистување на натрупаниот отпад и вети дека „ѓубрето ќе се исчисти за една недела“. Сепак, таа нагласи дека тоа нема да ја ослободи политичката опозиција од одговорност за пропустите кои, според неа, го загрозиле здравјето и животите на граѓаните.
Објавата заврши со остар тон упатен кон премиерот: „Оди скриј се и молчи!“, проследено со саркастичен коментар за нови можни пропагандни акции од неговиот политички штаб.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

