13 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Проблемите со погрешно испратени СМС-пораки поврзани со известувањата за прекршоци евидентирани од системот „Безбеден град“ наскоро се очекува да станат минато. Министерството за внатрешни работи најави дека во скоро време ќе започне со функционирање нова мобилна апликација, преку која граѓаните ќе можат да ги проверат и унапредат сопствените податоци поврзани со нивните возила, како и да имаат увид во историјата на сторените прекршоци.
Како што информира портпаролот на МВР, Гоце Андреевски, апликацијата ќе биде достапна преку Google Store, App Store, како и онлајн. Преку креирање на личен профил, граѓаните ќе можат да пристапат до повеќе компоненти поврзани со системот „Безбеден град“, вклучително и да ја проверат е-поштата и телефонскиот број кои се заведени за нивното возило, како и целосниот преглед на регистрирани сообраќајни прекршоци.
„Граѓаните ќе имаат можност да се најават во апликацијата и да ги проверат сите релевантни податоци поврзани со системот ‘Безбеден град’, како и историјата на прекршоците што се евидентирани на нивно име“, изјави Андреевски.
Дополнително, апликацијата ќе овозможи ажурирање на контакт-податоците, како и поднесување забелешки и поплаки доколку граѓаните забележат неправилности или имаат коментари во врска со системот. Според МВР, ова ќе придонесе за поголема транспарентност и поефикасна комуникација меѓу институциите и граѓаните.
Исто така, во СМС-пораките што ќе ги добиваат граѓаните за сторени сообраќајни прекршоци ќе биде вклучен и линк кој ќе води до посебна платформа, каде што ќе можат да пријават евентуални неправилности поврзани со системот.
Во меѓувреме, помошник-министерот за јавна безбедност, Мухамед Исмаили, во интервју за телевизијата Алсат потврди дека системот „Безбеден град“ ќе започне со изрекување казни од 1 февруари. Според него, потребен е дополнителен период од еден месец за да се разгледаат сите забелешки и да се отстранат детектираните технички недостатоци.
„Планираме системот целосно да започне со работа на 1 февруари, бидејќи оценивме дека 1 јануари не е доволен рок за да се адресираат сите забелешки и дефекти и тие целосно да се отстранат“, изјави Исмаили.
Во првата фаза, системот ќе детектира ограничен број прекршоци, меѓу кои пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, неправилно паркирање и управување со нерегистрирано возило. Во подоцнежна фаза, се планира проширување на функционалностите со детекција на користење мобилен телефон при возење и неврзување безбедносен појас, но засега нема прецизни информации кога овие прекршоци ќе почнат да се евидентираат од интелигентниот систем.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

