30 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Последното зголемување на цената на електричната енергија не можеше да се избегне, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Според него, одлуката е донесена со цел да се стабилизира работењето на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), која со години се соочува со сериозни финансиски проблеми.
Бислимоски посочи дека РКЕ направила сè што било можно за да го ублажи ударот врз граѓаните, преку намалување на дел од регулираните трошоци. Како што објасни, цените за пренос и дистрибуција се намалени за вкупно пет отсто, при што е намалена и цената на МЕПСО, „Електродистрибуција“ и МЕМО.
„Таму каде што имавме простор да намалиме, ние го направивме тоа. Но, кај ЕСМ мора да покажеме разбирање. Станува збор за стожерна компанија во енергетскиот сектор и ние немаме сценарио Б – ЕСМ мора да опстои“, истакна Бислимоски.
Тој нагласи дека ЕСМ со години работи со загуби и дека компанијата мора да застане на здрави нозе, да го зголеми домашното производство на електрична енергија, но и постепено да се развива како компанија што, покрај производство, активно ќе продава струја на пазарот.
На прашањето дали било можно ЕСМ да продолжи да ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ по цена од 62 евра за мегават-час, наместо да се зголеми на 65 евра, Бислимоски одговори дека тоа дополнително ќе ја влошело состојбата.
„ЕСМ ги заврши 2021, 2022, 2023 и 2024 година со загуби. Дури и кога се прикажувала добивка, тоа било резултат на трансфери од државниот буџет. Ако цената останеше 62 евра, загубите ќе беа уште поголеми“, рече тој.
Според Бислимоски, реалната производна цена на струјата во ЕСМ се движи меѓу 90 и 100 евра за мегават-час, додека компанијата за потребите на домаќинствата продава по 65 евра. Тоа значи дека уште од старт ЕСМ работи со загуба за да обезбеди околу 3,2 милијарди киловат-часови електрична енергија.
Дополнителен товар за компанијата е и продажбата на струја за покривање на загубите во дистрибутивната мрежа, при што околу 800 милиони киловат-часови се продаваат по цена од 105 евра за мегават-час.
„Најголемите количини ги продаваме по најниска цена и токму таму се најголемите загуби. Затоа треба да ѝ дадеме шанса на ЕСМ постепено финансиски да закрепне и верувам дека тоа ќе се случи во наредниот период“, заклучи Бислимоски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

