29 април 2025
• од Вардарски
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во своето гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24, упати сериозни критики кон економската политика на Владата, предупредувајќи на влошување на јавните финансии и алармантни трендови во стопанството.
Битиќи истакна дека државата веќе 6 до 9 месеци не враќа ДДВ и не ги исполнува обврските кон приватниот сектор, што, според него, Владата го прикрива, но стопанствениците отворено го посочуваат. „Кога Владата станува најголем должник, без разлика дали по основ на поврат на ДДВ или по основ на договорни обврски, тоа создава сериозна неликвидност и ја загрозува економската активност“, рече Битиќи. Како доказ за ваквата состојба го посочи падот на индустриското производство за февруари од минус 0,8%.
Тој нагласи дека доцнењето на повратот на ДДВ е незаконско, а најавениот економски раст од страна на Владата не е поддржан од индустриски и стопански активности, туку од јавни инвестиции, кои исто така не се реализираат според плановите. Според Битиќи, Светската банка предвидува економски раст од 2,6% за оваа година, што е резултат на реалните услови, а не на оптимистичка пропаганда.
Пратеникот укажа и на доцнењето на исплатата на плати во јавниот сектор. „Ако сакаме да ја прикажеме вистината, не станува збор за административен пропуст. Инспекторат под Министерството за економија четири месеци нема земено плата“, изјави тој, додавајќи дека Владата не ги почитува законските рокови за усогласување со законските промени.
Во делот на задолжувањето, Битиќи посочи дека Владата забрзано се задолжува кај домашните банки. Според него, од потпишувањето на договорот за заем од една милијарда евра во Будимпешта на 8 октомври 2024 година, до денес се издадени 17 државни обврзници со вкупна вредност од 27,9 милијарди денари или околу 453 милиони евра. Дополнително, во март биле земени уште 70 милиони евра од Шпаркасе банка.
„Буџетот не се полни со здрави приходи, туку со нови задолжувања“, предупреди Битиќи, заклучувајќи дека буџетскиот дефицит ги надминува предвидените рамки и дека земјата заостанува во спроведувањето на фискалната консолидација, што е забележано и од страна на Меѓународниот монетарен фонд.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

