16 април 2025
• од Вардарски
Пратеникот од редовите на СДСМ, Благој Бочварски, во синоќешното гостување во емисијата „Објектив“ на МТВ изјави дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски требало да поднесе оставка по трагедијата во дискотеката во Кочани, посочувајќи на моралната одговорност која произлегува од настанот.
„Не навлегувам во тоа кој и дали е одговорен од кривичен аспект, за тоа одговорот го има обвинителството. Но има сериозни аргументи зошто министерот требаше да се повлече од функцијата – токму поради прашањето на превенцијата која требаше МВР да ја обезбеди таа кобна ноќ,“ рече Бочварски.
Тој нагласи дека во дискотеката имало присутни над 600 млади луѓе и постави серија прашања кои, според него, остануваат неодговорени: „Дали требало полицијата да контролира, да направи рација, да утврди што точно се случува, дали е дозволен толку број на присутни и кој ја презел одговорноста за тоа?“
Бочварски истакна дека ваквите случаи бараат одговорност не само на оперативно, туку и на раководно ниво. Според него, не може да се говори за одговорност на пониските ешалони, без да се постави прашањето за раководната одговорност во институцијата која има обврска за превенција и безбедност на граѓаните.
„Во јавноста, меѓу граѓаните, а и кај нас во СДСМ, постои чувство дека истрагата е селективна. Не се опфатени сите кои тој ден биле на позициите во МВР, особено оние со одлучувачки овластувања,“ рече Бочварски.
Тој го повтори ставот дека моралната одговорност е суштинска во вакви трагедии и дека токму таа требала да биде причината за оставка од министерот Тошковски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

