28 март 2025
• од Вардарски
Познатиот хуманист и професионален пожарникар Александар Горгиевски, во јавноста познат како Бате Аце, преку својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека официјално се откажува од членството во политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ја „злосторничко здружение и срам за македонскиот род“.
Во неговата објава, Горгиевски изразува силно незадоволство и гнев поради одлуката на Владата да склучи договор со маркетинг агенција во вредност од 22.857.964 денари (околу 370.000 евра) за мерење на нејзиниот политички рејтинг, токму во деновите на национална жалост (19 март).
„Ова е нешто што мора да се забрани со закон под итно! Партија може да нарачува истражувања за својот рејтинг, и да ги плати од свои средства. Влада не смее да користи пари од буџетот за да испитува поддршка од јавноста, особено не во вакви моменти“, напиша Горгиевски.
Во остар тон, тој ја осуди употребата на јавни средства за политички цели и ги повика граѓаните да се разбудат и да се спротивстават на, како што вели, „криминалното однесување на политичарите“.
„Од денес јавно пишувам и официјално веќе не сакам да сум член на ова злосторничко здружување ДПМНЕ кое е срам за Македонскиот род. Македонска нација, додека дишам ќе се борам да паднете – проклети да сте за век и векова, багро велепредавничка“, завршува Горгиевски во својата објава.
Овој истап на Бате Аце предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде што бројни граѓани изразија поддршка, но и несогласување со неговите зборови. Тој се смета за гласен критичар на сите форми на неправда и корупција, без оглед на политичката боја, и често своето незадоволство го изразува отворено и без задршка.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

