20 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Три месеци државата тапка во место, а одлука нема. Владата на Република Северна Македонија уште од април се обидува да избере банка од која ќе позајми неверојатни 1,9 милијарди евра за проектот што треба да биде „иднината“ на транспортот – брзата пруга долж Коридорот 10. Наместо решителност и визија, граѓаните повторно гледаат неизвесност, бирократија и епска неорганизираност.
Додека 16 меѓународни финансиски институции чекаат сигнал, Министерството за финансии прави „анализа“. Три месеци се губат во празни проценки и комисиски состаноци, а на терен нема ниту лопата забодена. Владата ветуваше градежни работи до крајот на годинава – денес е јасно дека и ова ветување ќе заврши како уште една неславна точка на долгата листа неисполнети рокови.
Сумата што ќе ја позајми државата е застрашувачка – речиси 2 милијарди евра. Тоа значи нова планина од долгови што генерации ќе ја отплаќаат. Владата тврди дека проектот ќе носи приход од 100 до 120 милиони евра годишно, но заборава да спомне дека денешните железници едвај преживуваат со 20 милиони приходи кои одат само за плати. Со ваква економска логика, јасно е дека долгот нема да се враќа од профит, туку директно од грбот на граѓаните.
Она што е најстрашно – Македонија тргнува во најскапиот инфраструктурен проект во својата историја без ниту една валидна физибилити студија. Владата признава дека анализите ги правела според соседни проекти, без мерења на наш терен, без реални податоци за Вардарската долина. Светот досега не видел случај каде што студијата се прави ретроактивно, откако политичарите веќе донеле одлука. Тоа не е развој, тоа е национална авантура на слепо.
Додека во 1978 година се планирале возови што ќе јуркаат со 250 километри на час, денес власта продава проект за само 160 км/ч. Со други зборови, за половина век назадуваме наместо да напредуваме. Оваа „брза пруга“ ќе биде побавна од повеќето европски стандарди и ќе остане уште една македонска полувистина.
Од 1,91 милијарда евра, 95% ќе бидат кредити, а само 5% ќе се издвојат од буџетот. Но тој „мал дел“ од 100 милиони евра е исто така пари на граѓаните. Кога ќе се додадат трошоците за надзор, експропријација и проектна документација – кои сами по себе достигнуваат стотици милиони – излегува дека владата влегува во финансиско лудило од кое излез нема.
Македонија повторно тргнува во мегапроект без визија, без студија и без одговорност. Од брзата пруга за која политичарите ќе кројат ленти, на граѓаните ќе им останат само долгови, празни ветувања и уште едно горко чувство дека оваа земја никогаш нема да ја стигне Европа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

