27 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, по потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, ја нагласи историската важност на претстојните локални избори. Тој оцени дека резултатот во Чаир нема да биде значаен само за општината, туку и за идниот статус и позиција на Албанците во целата држава во наредните децении.
Османи изјави дека граѓаните се исправени пред суштинска одлука: дали конечно Чаир ќе започне со промени по две децении „назадување, уништување и корупција“ или ќе продолжи во истата насока. Тој подвлече дека изборите се и прашање за тоа дали Албанците ќе бидат рамноправно и праведно претставени, или пак ќе останат, како што рече, „вазали во Влада која не ги почитува нивните права“.
„Овие избори ќе ја одредат иднината на нашата општина, но и на сите Албанци во следните десет, па и дваесет години,“ порача Османи.
Османи ги повика граѓаните на масовна излезност, нагласувајќи дека секој глас има клучно значење. Според него, само со силна поддршка може да се испрати јасна порака дека е време за промени.
„Секој глас е важен. Ова е моментот да кажете доста е. Време е да се смени не само властa, туку и начинот на владеење – чесно, посветено и заедно со граѓаните,“ истакна тој.
Кандидатот нагласи дека неговата кампања ќе остане фер и позитивна, насочена кон решенија за реалните проблеми на граѓаните, а не кон политички конфликти.
„Нашите граѓани не бараат политички театар, ниту навреди и напади. Бараат промени, резултати и надеж. Тоа ќе биде мојот единствен фокус во следните дваесет дена,“ рече Османи, додавајќи дека неговата цел е враќање на достоинството на Албанците и подобрување на квалитетот на живот во Чаир.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

