Бујар Османи: Локалните избори стануваат референдум за албанскиот јазик!
Поранешниот шеф на дипломатијата и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, со алармантна порака: локалните избори во октомври би можеле да станат вистински тест за судбината на Законот за јазиците и за положбата на албанскиот јазик во Македонија.
Османи, преку својата објава на Фејсбук, ја изрази загриженоста дека Уставниот суд планира да го укине Законот веднаш по изборите. Ваквите сомнежи доаѓаат по изјавата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој најави дека конечната одлука околу овој чувствителен закон ќе се носи дури после изборниот циклус — токму за да се избегне политизација и етнизација.
„Одамна се зборува дека Владата го чека крајот на изборите за да му нареди на Уставниот суд да го укине Законот за јазици, за да не го загрози албанскиот проект. Изјавата на претседателот на Судот само го потврдува тоа“, напиша Османи, додавајќи дека овој потег ги претвора октомвриските избори во де факто референдум за еднаквоста и правата на Албанците во државата.
Темата околу Законот за јазиците веќе со години предизвикува тензии и дебати во македонската јавност. Дали локалните избори навистина ќе бидат пресвртница за иднината на албанскиот јазик во институциите? Се чини дека октомври ќе донесе многу повеќе од само локални битки — ќе донесе и одговори за иднината на мултиетничноста во земјата.