Бучковски: Новата власт не сака да ги впише Бугарите во Уставот и со тоа покажува дека не сака ЕУ-членство
Поранешниот македонски премиер Владо Бучковски изјави дека новата власт во Македонија не е заинтересирана за членство во Европската Унија бидејќи одбива да ги исполни клучните услови, меѓу кои е и впишувањето на Бугарите во Уставот.
Во гостување во емисијата „Граѓански агол“ што се емитува во Црна Гора, Бучковски потсети дека Македонија била лидер во евроинтеграциите во 2005 година, но смената на власта во 2006 година го забавила целиот процес. Според него, одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон во 2019 да воведе нова методологија, без да ѝ даде датум за преговори на Македонија, дополнително ги отворила вратите за блокади од страна на Бугарија.
„Некоректно беше од Макрон да не ја награди Македонија за големите жртви, а тоа го искористи Бугарија со свои барања, кои денес создаваат нови блокади“, порача Бучковски.
Тој посочи дека иако како опозиција ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги критикувала Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, денес, како власт, таа партија не покажува никаква вистинска намера за евроинтеграции.
„Тие тврдеа дека ќе го вратат старото уставно име, дека за шест месеци ќе најдат компромис со Бугарија и ќе ги отворат преговорите со ЕУ. Сега помина една година од нивниот мандат, а не гледаме дека впишувањето на Бугарите во Уставот е нивен приоритет. А токму тоа е клучен чекор – без тоа нема напредок кон ЕУ“, изјави Бучковски.