16 мај 2025
• од Вардарски
Министерството за надворешни работи на Република Бугарија ѝ врачи официјална протестна нота на амбасадорката на Северна Македонија во Софија, Агнеза Руси Поповска. Причина за протестот се, како што наведуваат од бугарската страна, повторени случаи на навреда и вандализам врз бугарски национални симболи на територијата на Северна Македонија.
На средбата со генералниот директор за европски прашања при бугарското МНР, Јордан Първанов, било изразено длабоко незадоволство и загриженост заради континуирано непочитување на бугарското национално обележје.
Според соопштението, на 4 мај 2025 година, само неколку часа по положувањето венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, бил отстранет лентата со бугарското знаме од еден од венците. Дополнително, бил регистриран и нов вандалски чин врз камен-спомен обележјето кое Бугарија го донираше и кое се наоѓа во Паркот на франкофонијата.
Бугарското министерство ги осуди случувањата како „непријателски постапки“, изразувајќи жалење што слични инциденти се случувале и претходно, без соодветна реакција од надлежните институции во Северна Македонија. Според нив, ова молчење само придонесува за зголемување на антибугарското расположение и вандализам.
Од бугарска страна се очекува властите во Северна Македонија да преземат конкретни чекори за идентификување и санкционирање на сторителите, како и за целосна реставрација на оштетеното спомен-обележје.
Ова не е првпат амбасадорката Поповска да биде повикана на разговор во бугарското МНР. Во август 2024 година таа беше повикана поради остри изјави на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој тогаш изјави дека темата за уставните измени и преговорите со ЕУ се користи како политичка алатка во бугарските медиуми пред избори.
Изјавите уследија како реакција на ставот на бугарското МНР дека обидите на Скопје да преговара повторно за веќе договорената рамка можат да доведат само до нова блокада во евроинтегративниот процес.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски тогаш изрази надеж дека по изборите во Бугарија ќе се формира стабилна влада со која Скопје ќе може да води отворен и конструктивен дијалог за откочување на патот кон Европската Унија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

