31 март 2025
• од Гоце Кически
Рилскиот монах-зограф, отец Павел, кој е Бугарин и припадник на Бугарската православна црква, ќе подари чудотворната икона на Богородица на град Кочани, кој беше потресен од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Според информациите, иконата „Пазителка“, изработена од бугарскиот духовник, во моментов е во процес на изработка и ќе биде поставена во црквата „Свети Георги“ како знак на утеха и заштита.
Оваа света реликвија е позната по своите чудотворни својства – се верува дека помага при отстранување на магии и клетви, како и при дарување на деца на бездетни парови. Покрај тоа, ја симболизира заштитата на Божјата Мајка над семејствата и сите христијани.
Отец Павел Спандолиев, кој долги години служи во Метохот Рила и во Рилскиот манастир, споделува дека е роден во Пиринска Македонија, во селото Влахи, родното место на Јане Сандански. По трагедијата што одзеде 59 животи на 16 март, тој одлучил да наслика и да подари икона како молитвен дар за жителите на Кочани.
„Размислував која икона да насликам и дарувам, кога еден човек сподели слика на оваа Богородица на мојот Фејсбук ѕид. Во духовниот свет, случајности не постојат“, изјави отец Павел, сметајќи го ова за божествен знак.
Иконата е од типот Одигитрија, каква што е и познатата Иверска икона на Света Гора. Таа ја прикажува Богородица како покажува кон Исус, водејќи ги верниците по патот на спасението. Интересно е што ангелите на оваа икона држат кандила, симболизирајќи духовно осветлување.
Отец Павел користи специјална техника за издржливост на иконата. Наместо класично платно, тој поставува нерѓосувачка мрежа прицврстена со клинци, врз која нанесува слој од силен цемент со мраморен прав. Оваа метода ја прави иконата отпорна на оштетувања, со што ќе трае со генерации.
„Сакам да направам нешто квалитетно што ќе остане за идните поколенија“, вели отец Павел, кој планира иконата да биде завршена до празникот на Свети Ѓорѓи.
Владиката Иларион, кој живее во Лесновскиот манастир, веќе ја дал својата благословија за овој дар. Отец Павел најави дека наскоро ќе испрати духовно известување до Светиот синод на Бугарската православна црква, предводен од патријархот Даниил, за добивање официјална благословија.
„Ова не е само мој личен дар, туку и дар од целиот бугарски народ“, заклучи отец Павел. Иконата ќе биде поставена во црквата „Свети Георги“ во Кочани како симбол на надеж, заштита и духовно исцеление за градот погоден од трагедијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

