Бугарскиот амбасадор на Ново Село: Ова не се само споменици – овде почива нашата историја!
На свечена церемонија по повод одбележувањето на паднатите бугарски војници, амбасадорот на Република Бугарија во Северна Македонија, Жељазко Радуков, денес упати трогателна порака за значењето на историјата и националната меморија.
„На овој ден оддаваме почит на загинатите за слободата и единството на нашата татковина,“ изјави амбасадорот Радуков пред присутните. „Ние исто така се поклонуваме пред службата на овие генерали, офицери и војници – и во минатото и во сегашноста – кои со достоинство, со чест и несебичност ја штитат безбедноста на нашата татковина.“
Тој потсети дека на светото место каде се одржа церемонијата се погребани над 70 бугарски офицери, подофицери и војници, од кои мнозинството ги загубиле животите во тешките години за државата во периодот 1916–1917 година. „Тие се најдобриот пример за саможртва, самоодрекување и подготвеност да умреш за идеја,“ подвлече Радуков.
Обраќајќи се посебно на младите присутни, амбасадорот упати искрена благодарност: „Драги деца, ви благодарам што сте тука.“ Во своето обраќање тој ги замоли младите да понесат со себе не само спомените од местото, тишината, церемонијата или имињата, туку пред сè мислата дека „ова е дел од нашата бугарска меморија, дека ова е објаснување за тоа кои сме ние, за што се боревме, за што се бориме и за што ќе се бориме.“
Церемонијата заврши со положување венци и минута молчење за загинатите, во присуство на дипломати, воени претставници и граѓани.