01 мај 2025
• од Вардарски
На Грчка граница се стои со часови, чека се под пеколно сонце, со мали деца на задно седиште, со шишиња вода и полни ладилници. 20 саати! Се издржува, се смешка, се постира на социјални мрежи: „Ќе издржиме, вреди!“
Зошто? За да се стигне на море. За одмор. За убави фотки.
А дома? Дома, во Кочани, татковци и мајки ги погребуваат своите деца. Цела држава гледа, слуша, чита — и ништо. Нема гужви на плоштадите. Нема масовна поддршка. Едвај некој да застане, да се солидаризира, да даде 1 час од своето време за тие луѓе што доживуваат најголема болка.
Ова не е политичка приказна. Ова е приказна за тоа кој сме станале како народ. Народ што знае да чека за да потроши, ама не знае да застане за да сочувствува. Народ што знае да се жали за дупки на пат, ама не знае да се замисли пред дупка во душа.
Како дојдовме до тука? Да бидеме поистрајни за попусти на море отколку за човечност. Да имаме километарски редици на граница, ама празни улици кога треба да се покаже поддршка. Да го мериме успехот по тоа кој каде отишол на одмор, а не кој за кого застанал во тешка минута.
Разбуди се, Македонијо. Не сме само купувачи на евтино млеко и биро за туризам. Сме луѓе. А да се биде човек значи: да дадеш рака, да застанеш, да почувствуваш, да издржиш за другиот — не само за себе.
Да не чекаме 20 саати за нешто што трае една недела, а да не можеме да дадеме 1 час за нешто што болува цел живот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

